Апарати и додатоци

Дома сме семејство кое многу сака да вреви во кујна - мелеме, бучиме, сецкаме, дробиме, месиме, матиме, растураме, правиме голем џумбус! :)
За тоа полесно да се спроведе потребни се малку налудничави родители, пргави деца кои сакаат да "помагаат" и се разбира добра апаратура! За да си ја олесниме работата користиме неколку поголеми и значајни машини и некои помали додатоци. Ќе се обидам тука да ви претставам некои од моите кујнски апарати и алатки кои секојдневно ги користиме.  


Остар квалитетен нож!
Без разлика дали за готвење или не - есенцијална алатка во секој кујна. 
Без размислување инвестирајте барем во еден добар остар и квалитетен нож, нема да зажалите, а ќе заштедите долгорочно на секакви тупави ножеви кои 'рѓосуваат, брзо отупуваат и ќе губите многу драгоцено време да исецкате салата. Ако не сакате да трошите време на острење ножеви набавете си керамички, само имајте во предвид дека се малку понежни од челичните. Овие ножеви ги користиме веќе добри 10 години, иако упорно меркаме и посакуваме некои подобри јапонски ножеви. Лесни за одржување и острење, предност имаат што се лиени од еден дел.



Блендер VitaMix
Монструм машина! Мојот миленик, го користам веќе две години и не можам да замислам ден да не забрмчи. Полу-професионален високо-брзински блендер со мотор од 2 коњски сили и 1200 W! Постигнува брзина до 386 km/h и вртежи од 1,000 до 37,000 кога е вклучен на супер брзина.
Кај нас се користи за сè и сешто - смуди, сокови, супи, намази, коктели, сладолед, путери од семки и јатки, хумус... Доколку го имате и садот за сува обработка имате мелница за сува обработка и може да меле брашно, семки, кафе, сурови какао семки... М
ногу корисна машина и супер моќна да ги растргне целулозните влакна од зелените листови за смуди




Бавен соковник Hurom
Благодарение на пријателите од НутриВитa имав прилика да дружам и тестирам една многу симпатична машина - соковникот Hurom. Се досели кај мене дома во исто време кога ја читав статијата за најдобар соковник според Food Matters. 
Соковникот Хуром е посебен од повеќе аспекти. Тој е таканаречен бавен соковник и за разлика од центрифугалните соковници кои имаат метална мрежичка со ситни ножеви и брзината и моќноста е одлучувачка, овој соковник работи многу бавно, т.е наместо нож има едно големо сврдло кое полека и нежно ги гмечи состојките и без загревање вади многу сок. Нека не ве залажува името бавен, бидејќи воопшто не е. Иако врти 'само' 80 вртежи во минута сè се одвива многу брзо. Со секој сок имав впечаток дека многу побрзо се прави во споредба со мојот центрифугален соковник...и уште еден важен момент, многу полесно ги цеди зелените листови, а и со малку состојки се добива навистина многу сок, токму тоа е всушност тајната на Хуром! Пулпата од зеленчукот и овошјето беше целосно сува, ако ја стиснев немаше ниту капка сок да излезе!
За мене лично впечатливо беше тоа што скоро да не го употребив стапчето за подбутнување на состојки (pusher) т.е. да отидат надоле кон сврдлото, со мојот центрифугален соковник невозможно е да не го употребам, Хуромот послушно си ги фаќа, влече и гмечи сите состојки надолу. Бидејќи има само неколку делчиња многу е едноставен за миење, нема остри ножеви, можете на мало дете да му дадете да го мие, целосно е безбеден.





Magimix мулти-практик процесор
Нагалено ја нареков Маги - нежниот џин :)
Есенцијална машина во секоја кујна! со мноооогу функции. Сецка, ренда, мати, пасира, цеди, да, да! има цедалка за цитронести овошја ;) на голема радост на мојот помал син кој обожава свежо цеден сок од портокали. Конкретно за моделите на Маги има една многу добра финта, не е еден голем сад, туку има вкупно три со различни големини. Си стојат еден во друг и не зазема многу простор во кујна. Најголемиот и најмалиот сад имаат S сечило. Со него во комплет има многу убава кутија каде на едно место и безбедно си стојат останатите ножеви и додатоци како на пр. за матење шлагови, кремови, супи, мајонез, месење теста и што ли ќе ви падне на памет! Стандардно содржи четири дискови со различни ножеви, но за пасионирани љубители има уште додатоци кои може дополнително да се набават, како додаток за правење пире, уште еден сет ножеви... Има и додаток кој се користи за цедење сокови и правење смуди, па ако немате блендер и сакате сè во една машина тоа е одлично решение. Јас тој додаток го немам и за жал не сум имала можност да го тестирам, но верувам дека е многу корисен и добар, не можам да сведочам дали е лесен за чистење. 

Напомена: ножевите се супер остри! 
Интересен податок е дека секоја машина се склопува рачно и некаде во себе си го содржи уникатниот број на работникот кој ја склопил. Налудничави французи :D 

 


Дехидратор Excalibur
Навидум многу едноставна направа, но за луѓе што се решиле да се хранат особено со жива храна е многу корисна. Можностите не ја ограничуваат само за живата кујна, намената и е многу разноврсна. Од правење јогурт, сушење билки и тревки, зеленчуци, до месни производи. Предноста на дехидраторот во споредба со рерна е што постојано и рамномерно дува топол воздух и температурата е константна. Одличен е за сушење живи крекери, лепчиња, сезонско овошје и зелечук.



Рачен стапчест миксер

Корисно машинче за помали количини храна, мене ми беше особено практичен за приготвување бебешки кашички. Извесно време го користевме и за матење смуди но смесата не е мазна и бара многу џвакање. Со своите 750 W сепак постигнува многу и го користиме редовно.




Рачна цедалка за лимони

Овој мал додаток ретко кога успева да се скрие во фиока, секој ден вредно работи и е една од моите омилени алатки.




Не е воопшто неопходен, но сигурно забавен за користење, особено за деца, салатите се весели разиграни и секако необични :) Содржи 3 ножеви кои лесно се менуваат. Најдобар е за сечење компири, тиквици, моркови, јаболки, краставици...




No comments: