11 May 2013

Карамелки

На рецептот налетав на интернет и само што го здогледав знаев дека вреди да се проба! Направив некои ситни измени во рецептот, само со состојките на основата, во оригиналот имаше бадеми и какао, јас решив да пробам со индиски ореви и рогач, за вакви ситни промени или додатоци на рецептите се водам исклучиво инстинктивно, ретко кога грешам, башка оваа кујна нуди толку слобода и креативност, мислам дека е навистина тешко нешто да се утне. Повелете Карамел Бајадери! ги сликнав само навечер и фотографијата не е баш најдобра, едноставно...се изедоа пребрзо! Ќе ги правам набрзо повторно и ќе се обидам(!) да се воздржам и да ги сликам подобро :)))

Апарат: 
процесор

Основа
1/2 чаша урми
1 1/2 чаша индиски ореви
1 лажичка ванила екстракт

Карамел
1/2 чаша таан
1/2 чаша јаворов сируп
1/4 чаша кокосово масло (растопено)
1 лажичка ванила екстракт
прстофат хималајска сол

Чоколаден прелив
4 лажици рогач (или какао)
3-4 лажици јаворов сируп (или мед, агаве)
1/2 чаша кокосово масло (растопено)

Во процесор се мелат индиските ореви и се додаваат урмите да стане леплива маса, ако не се лепи доволно може да се додаде внимателно 1 лажица вода. Смесата се реди во тавче.
Состојките за карамелот се мешаат во стаклен сад, најлесно со жица за матење, ќе се претвори во преубава мазна карамел структура и тоа се мачка врз основата.
Ставете го во замрзнувач 10-тина минути да се стегне карамелот.

Потоа во стаклен сад се мешаат состојките за чоколадниот прелив и се премачкува колачот. Имајте во предвид дека доколку колачот стоел во замрзнувач карамелот е многу студен и ќе ја излади чоколадата веднаш па треба брзо да дејствувате :)
На здравје сладење! Ве предупредувам - фантастични се! :)

08 May 2013

Шарени сокови

Уште нешто колоритно од колекцијата сокови, а деновове и нешто многу поконкретно и подетално за самиот соковник Hurom! 
Едноставен рецепт со локални сезонски состојки:
3 јаболки
2 моркови
1/2 лимон
1/2 цвекло
1/2 авокадо*

Сите состојки освен авокадото се цедат во соковник, авокадото го додадов накнадно во сокот и го свртев во блендер, стана преубава мазна структура, како свилен, розев пудинг. Ако е многу густо може да се додаде и малку вода. 

П.С. Пројде и кај деца без никаков проблем!

Не се плашете од авокадото, нема некој посебен вкус и мирис, само супер здрави маснотии и многу лесно се комбинира со други вкусови. 

Авокадото според многу истражувања се смета за најсовршената храна на светот, содржи преку 20 хранливи состојки, како хранливи влакна, здрави моносатурирани и полисатурирани маснотии како омега-3 масни киселини, богат со витамин А, Ц, Д, Е, К и Б (тиамин, рибофлавин, ниацин, пантотенска киселина, биотин, Б-6, Б-12, фолна киселина и калиум. Постојат многу докази дека е многу ефикасен против Алцхајмерова болест, канцер, срцеви заболувања, дијабетес...

* * *
Од колекцијата зелени сокови, наречени среќа во чаша :)
2 јаболки
2 портокали
1 лимета
неколку стапчиња целер
2-3 раце спанаќ
2-3 гранчиња нане
малку ѓумбир

чудесна комбинација на"топло-ладно", нането разладува и освежува, совршен додаток во сокови за топли денови, додека ѓумбирот го загрева телото, неодолива комбинација!
Целерот е прочистувач и благ диуретик, јаболките се богати со пектин, особено корисен за кој сака да слабее, а портокалите и лиметата се преполни со Ц витамин кој го потпомага целиот процес и го зајакнува имунитетот. 

* * *
Освежителна лимонада за топли спарни денови
3-4 зелени кисели јаболки
1 лимета
1/2 лимон
неколку гранчиња нане



03 May 2013

Пикантни Браунис


Рецептот всушност не е нов, ама по подолго време решив повторно да го правам, особено што во меѓувреме најдов кајен пипер кој многу го бендисувам, а е исто така и многу здрав. Оригиналниот рецепт содржи чипотле пипер кој се прави од чили пиперчиња, ама сеуште не сме се сретнале па одлучив да испробам со кајен. Ова се истите оние Браунис кои веќе ги има на блогот само со некои мали измени. Ако случајно немате при рака кајен или ѓумбиров сок или пак свеж ѓумбир - без паника благцево е солидно благо и бомбастично и без тоа :)

Aпарат: 
Процесор

Основа:
2 чаши ореви
1 чаша рогач (наместо какао)
1 лажичка кајен пипер
1 лажичка цимет
прстофат хималајска сол
1/2 чаши урми
1/2 чаша суви смокви
ванила
прстофат сол

Во процесор (со Ѕ сечиво) се мелат оревите, се додава рогачот, циметот, повторно се меле за да се измеша смесата, се додаваат урмите и смоквите полека и се меле да стане како тесто, потоа се реди во тава/модла.

Овој пат малку експериментирав и додадов 1 1/2 лажица сок од ѓумбир и лимон* (*рецепт подолу), му даде една убава топлина и свежина на вкусот.
Ѓумбирот спаѓа во храна што го загрева телото и заедно со кајен пиперот многу добро се надополнуваат.
Тестото се реди во тавче и може да се стави во фрижидер додека се подготвува кремот.

Чоколаден крем
1/2 чаша какао
1/2 чаша агаве
1/4 чаша кокосово масло
1/2 лажичка цимет

1 лажичка кајен пипер

Во стаклен сад со жица се мешаат сите состојки, станува како густ какао прелив, малку наликува на нутела, а вкусот е неверојатен!
Се истура кремот одозгора и се става во фрижидер неколку часа, или во замрзнувач 1 час.

Сок од ѓумбир (по желба)
1 корен ѓумбир се цеди низ соковник зедно со 1 лимон... тоа е се! :) може да се додаде и јаболко за да го заблажи бидејќи е луто, ние дома си ја нарековме жива ракија! ;)







Имајте убави весели и безбрижни празници! :)