30 April 2013

Портокал тортички




Рецептов го меркав подолго време и никако не се решавав да го пробам иако Тања одамна го фали дека е фантастичен..веројатно ми требаше инспирација. 
Инспирацијата дојде заедно со мојата нова другарка која нагалено ја нареков Маги - the Gentle Giant, ќе имате прилика да ја видите и запознаете ;)

Рецептот е навистина прекрасен, а многу едноставен, супер вкусно и слатко, за љубители на чизкејк, не знам како би можела поадекватно да го преведам терминов, ако некој има предлог, кажувајте! :)
Фала www.rawmazing.com за рецептот! 


Опрема:
*Процесор
*Блендер

за основата:
1 чаша бадеми
1/4 чаша рогач (или какао)
4-5 урми (без семки)

за филот:
2 чаши индиски ореви (откиснати минимум 2 часа)
3 портокали - изрендана кора и исцедени
2/3 чаша јаворов сируп (или агаве, мед)
3/4 чаша кокосов путер (може и кокосово масло, доколку немате путер)
1/4 лажичка куркума (опција)
ако имате при рака есенцијално масло од портокал додадете 1/2 лажичка.

Додека ја приготвувате основата внимателно на ниска температура или во дехидратор растопете го кокосовиот путер.

Состојките за основата се мелат во процесор да се добие малку лепливо "тесто" ако не е доволно лепливо, додадете внимателно малку вода, по една до две лажици ќе биде сосема доволно.
Смесата се реди во тавче, јас користев силиконски модли за 6 мали тортички. Нека причека во фрижидер додека го подготвувате филот...

Во блендер ставете ги состојките за филот, би требало да има скоро цела чаша сок од портокал или 2/3 чаша, отприлика 3 лажици кора од портокал, се додаваат  останатите состојки, се бледира да се добие убав мазен крем и се прелева врз основата. Се става во фрижидер околу 4 часа да се зацврсти или околу 45 мин во замрзнувач.




Иако поголемиот дел отидоа за подарок, сите дома многу им се сладевме дури и деца одобрија, се решив да направам и црвена верзија со јагоди и малини и тоа беше дочекано со радост и многу мерак :)

Го правев истиот рецепт со тоа што додадов 1 чаша јагоди и 1 чаша малини, одлично излегоа.



П.С. смачканите рабови се од детски рачиња кои крадеа јаготки :)))



29 April 2013

Путер од бадеми

Бидејќи предизвика интересирање фотката што ја постирав на мојот фејсбук профил, еве што може побрзо ви го претставувам, многу едноставно се прави, се потрудив да го сликам чекор по чекор како што го правев.


Опрема
Процесор

Иако го правев со многу моќен процесор, не брзав за да му дадам шанса да здивне и да се разлади, башка што имав придружба од две петгодишни деца кои освен што надгледуваа што се случува, правеа и по некоја беља :D
Доколку се решите да го испробате рецептот, а од се срце го препорачувам потребни се само бадеми, живи, непечени, несолени. Може слободно и со печени да се прави се разбира, во тој случај маслата уште полесно се ослободуваат, ама тоа ќе биде некоја наредна дополнителна информација.

2 чаши бадеми или околу 200-250гр се ставаат во процесор и се процесира

*ако сакате да додадете некаков засладувач направете го тоа сосема на крај кога ќе биде путерот готов инаку само ќе ја залепи смесата и нема да може да го сомеле.



полека се претвора во бадемово брашно...

 неколку минути подоцна се згуснува...

полека почнува да се прави како топка...


и таман си мислите ова ништо не бидува, маслата стануваат видливи и почнува да наликува на...


Бадемов путер! омекнува, маслата светкаат, смесата станува убава мазна :)
 и ете го!
спремно за уживањe


22 April 2013

Сокови



После неколку, сега веќе неактивни месеци полека се разработувам и пак ќе работам на блогот. Едноставно време беше за блогерски зимски сон и посветеност на некои други животни теми, па како доаѓа пролетта и убавото сончево време ќе се разработиме и малку ќе се прочистуваме од зимската изолација. Може, нели? :)
Во наредниве денови или недели ќе ви пишувам за одредени апарати кои веќе извесно време ги користам и уште некои нови кои имам можност да ги тестирам и да ви кажам нешто повеќе за нив. За малку да ве заинтригирам, а можеби и да ве инспирирам за внесување малку повеќе жива, а особено зелена храна еве ви неколку предлози за правење сокови. Иако сум голем љубител на смуди т.е. густи зелени сокови решив малку повеќе да почнам да цедам сокови и да го раздвижам телото, да растопиме нешто од зимската изолација која се натрупала на задникот :P

На мое големо одушевување едно од моите деца ужива да прави, а богами и да пие сокови со мене, ова е еден од неговите омилени рецепти кои како што рече самиот кога првпат го проба: "да ми направиш цело буре"! :)))





Апарат: Соковник

4-5 јаболки

1-2 портокали
1 лимон
2 лажички мед (или 2-3 урми)
прстофат сол
2-3 чаши вода
мало стапче целер (по желба, не се чувствува вкусот)

Се добива околу 1 литар многу вкусна и здрава лимонада!






Зелен сок

Рецептот е од Jason Vale познат креатор на сокови има фантастични рецепти, некои ќе ви ги презентирам како што ќе ги правам!

1/2 ананас
2 мали стапчиња целер
2 зелени јаболки
1 лимон (лупен, ама задржете што е можно повеќе од белата внатрешна кора)
мало парче ѓумбир
2 гранчиња нане

во оригиналниот рецепт тој накнадно во блендер додава авокадо, јас го имав спремено но самиот сок беше толку убав и освежителен, што на крај одлучив верзијата со авокадо да ја испробам другпат. Без гајле, авокадото заврши во салата :)





Црвен сок

За овој сок немав конкретен рецепт, сите состојки се бирани инстинктивно, ама многу успешно :)

5 моркови
1 домат
2 јаболки
1 лимон
1/3 краставица
1/2 цвекло
1/2 портокал
1 стапче целер



и еве на крај ви го откривам и неговото величество - бавниот соковник Hurom, го користев за зелениот и црвениот сок и ќе го тестирам за уште рецепти деновиве. Полека ќе ви го откривам, уште многу детални информации ќе следат :)



Крекери со хељда




'Ртена хељда 1 1/2 чаша*, 

1 чаша микс од ленено семе, 
семки од сончоглед, 
семки од тиква, 
сусам, 
рехидрирани домати (сушени па отстоени во вода)
сол
зачини по желба
Сите состојки ставете ги во процесор за убаво да се измешаат и соединат, се постила на силиконски подлошки или хартија и се суши во дехидратор отрпилика 1-2 часа, потоа превртете ги фиоките, доколку лесно се одлепува од подлошките се сече на парчиња и се суши уште 5-6 часа, зависно дали сакате да бидат по меки или покрцкави.

*'Ртење хељда
1 чаша хељда, или количина по желба, се покиснува во вода отприлика 20-30 минути, потоа се плакне темелно, ќе забележите дека водата станува малку густа, како лигава и затоа е важно да се измие темелно, потоа може во цедалка или во тегла да се остави 'рти. Доколку ја 'ртите во тегла на отворот ставете парче газа и навалете ја под 45 степени да може водата да се исцеди. Се плакне наутро и навечер, се цеди водата, 'рти за ден, ден и пол. Кога ќе сакате да го стопирате процесот ставете ја во фрижидер. 
Хељдата иако најчесто или народски ја нарекуваат житарка, всушност е семе од семејството рабарбер не содржи глутен и поради тоа препорачлива за луѓе што се нетолерантни на глутен, не го покачува т.е. го регулира шеќерот во крвта, содржи 8 целосни амино-киселини, богата е со магнезиум, манган, бакар и цинк.