28 December 2012

Шпагети

мммм....шпагети!
чекај, чекај, како тоа шпагети, па тоа мора да се вари, тоа е брашно, јајца и што уште не! Е, ама и за тоа има финти, се разбира ;) можеби највкусните шпагети се токму тие што не очекувате да ги сретнете. Љубовта доаѓа најнеочекувано, нели?
Во повеќе наврати сум ги спремала и секогаш паѓам во несвест, на структурата, на изненадувачкиот вкус, на боите...




овој пат ги правев од тиквица и морков, преубава комбинација за сите сетила


Подолго време бев во потрага по една мала многу добра машинка, се вика Спироли, и конечно ја најдов и сега сме многу добри другарки. Иако многу лесно се сечат и со нож за лупење, треба само малку трпение и вештина.

Шпагети
тенко сечена тиквица
тенко сечен морков

Слатка маринада
1 чаша сушени и откиснати домати
1/3 чаша маслиново масло
2-3 лажици агаве (или мед)
2 лажици лимонов сок
сол и бибер
1/4 чаша босилек тенко сечен


27 December 2012

Смуди Спанаќ

Смуди 
како за почетници, едноставни, комбинации, тие се според мене и највкусни, се случува да ставам многу различни состојки, ама сепак најчесто ги правам што поедноставни.

Банана
Круша
Спанаќ
Пченична трева



Лазања

Ова е навистина нешто посебно, и не е само еден рецепт, туку е многу побогато - вкупно се 5 рецепти во еден, а секој за себе прекраснотија!
Веројатно на прв поглед ќе ви делува комлицирано и многу работа, ама навистина не е така, сите се поприлично едноставни, и многу практично да се испробаат затоа што добро се комбинираат и во други рецепти.




Апарати:
Процесор

Состојки:
1-2 тиквици се сечат со мандолина или со нож за лупење
Маринара сос
Песто од спанаќ и ореви
Сирење од индиски ореви
“Месо“ од ореви и жалфија
Маринара:
1 лукче
1 чаша суви домати откиснати во вода
1/4 чаша маслиново масло
сок од 1/2 лимон
4 урми откиснати во вода
1 лажичка мешавина италијански зачини
2 лажици вода (само ако е потребно)

Прво се обработува лукот и полека се додаваат останатите состојки за да се добие мазна структура.

Песто од спанаќ и ореви:
2 лукчиња
3 чаши спанаќ
1/3 чаша маслиново масло
1/2 чаша ореви (откиснати 6 часа и добро исцедени)
сок од 1/2 лимон

повторно, почнете со лукот и додатете ги останатите состојки 

Сирење од индиски ореви:
1 чаша индиски ореви (откиснати неколку часа)
1 лукче
1 лажичка лимонов сок
1 прстофат хималајска или морска сол и бибер

зависно дали сакате мазна или позрнеста структура се меле во процесор да се соединат состојките, ќе стане како паста

“Месо“ од ореви и жалфија:
2 чаши ореви (откиснати 6 часа и исцедени)
1 лажичка жалфија
1 лажичка мајчина душица
1 лажичка орегано
1 лажичка свеж ситно исецкан рузмарин
2 лажички тамари сос
сол и бибер за вкус

сите состојки во процесор за да стане грубо зрнеста структура.

Исечете ги тиквиците по должина, може со мандолина или ако немате со нож за лупење. Се редат на даска и полека се редат слоевите. Почнете со маринара, па сирење, потоа пестото од спанаќ и на крај “месото“ од ореви. Се виткаат како тркалца, може и да се пресечат на пола да се добијат мали лапни-голтни залчиња.
Вкусот е неверојатен!



инспирација
www.rawmazing.com


Медитеранска салата

Паста од тиквици, краставица и моркови, зелена салатка, или тоа што е достапно сезонско, зачини по желба. 

"Јогурт" прелив:
1 чаша индиски ореви
2 лажици лимонов сок
1 лажица јаболков оцет
хималајска сол
(отприлика) 1/2 чаша вода






Енергетска бомба

После многу трчкарање со најразноразни обврски се прибрав дома желна за нешто слатко, јако и супер енергично.
Инспирација на лице место, само нафрлив состојки во блендер и добив убава густа смеса, нешто помеѓу смуди и пудинг.
Целата тајна е во зачините, ако нешто немате, бидете сигурни дека може и да се замени,или пак да се спреми без тоа.

апарат:

блендер




Благо речено го нападнав шпајзот со моите мали богатства
наречени супер храна, некои од нив ми се посебно привлечни, мака, мескит, рогач...



Состојки:
1 чаша бадемово млеко
1 банана
1 лажица мака
1 лажица мескит
2 лажици рогач
цимет
кардамом

сите состојки во блендер и сладење до бесвест! :)


“Варен“ спанаќ и маринирани печурки

Многу сакам рецепти кои се брзи за спремање, максимум 30 мин врткање во кујна, за максимално уживање. Ова е токму таков рецепт, супер едноставен! Препорачливо е да ги спремите прво печурките за да може барем половина час да се измаринираат.

*без апарати

Печурките се сечат на тенки парчиња (без стеблото) и се маринираат со малку маслиново масло, лимонов сок и Тамари соја сос, не додавајте веднаш сол бидејќи тамари сосот е доволно солен сам по себе. Убаво се меша да се натопат и да отстојат барем 30-тина мин, ако се сетите да ги приготвите од вечер ќе бидат уште повкусни. Ќе омекнат и ќе бидат преубави сочни како да се готвени.
Спанаќот е сам по себе многу нежен лист. Доволно е да се посипе со малку лимонов сок, со раце нежно се масира, оставете го 10-15 мин, ќе омекне и ќе наликува на варен спанаќ.


Тука е комбиниран со пиперки во различни бои, ама како и секогаш, комбинациите се бескрајни.


п.с. сармичките во позадина беа специјален рецепт, ама за жал не сум ги сликала посебно, наскоро повеќе детали ;)


23 December 2012

Гранола “Страст“

Нешто практично, секогаш може да се најде за доручек, ужина, нешто за грицкање - Гранола, вид мусли, за многумина поприлично примамливо. Мене ми служат за некаков доцен појадок или најчесто ужина. Може и во поголеми количини да се спреми трае долго време ;)

апарати:
дехидратор



1 1/2 чаша 1 ден ’ртена хељда **
1/3 чаша сушена брусница
1/3 чаша суви кајсии (ситно исецкани, ако се многу суви се киснат во топла вода 10 - тина минути)
неколку суви смокви (отрилика 1/3 чаша)
1/2 јаболко сецкано на мали парчиња
1/3 чаша суво грозје
1/3 чаша семки од тиква
2 лажици чиа семки
1 лажица какао парченца
1 лажичка мака
1 лажичка мескит
2 лажици рогач
1 банана изблендирана со сок од портокал*
1 лажица јаворов сируп
цимет,
кардамом,
сол
*бананата се блендира посебно со сокот од портокал и малку јаворов сируп и се додава на смесата. 
Се меша со лажица или ако сакате најдобро да се натопат сите состојки може и со раце, веројатно најефикасниот метод :)




** Ако сакате да киснете хељда за ’ртење доволно е да кисне 15 - 30 мин, ако не намеравате да ја ’ртите, (а во овој рецепт може и не мора да е ’ртена) пожелно е да откисне 8-10 часа. Овојпат ја киснев околу 1 час и ја оставив цел ден, наутро и навечер ја миев и тогаш кога почнаа да се појавуваат малите ’ртки ја искористив за гранола.
Се мачка на хартија, или доколку имате дехидратор на силиконските подлошки, првиот саат - два се суши на повисока температура за да се спречат бактерии и бидејќи треба време и самата храна да достигне одредена температура.
Се суши 6-8 часа.
Одлично е во комбинација со млеко (бадем, лешник, индиски ореви....)









22 December 2012

Смуди Целер

целер, бело грозје, праски, ленено семе, лимонов сок
Целерот e преполн со витамин К кој делува како благ 
диуретик и го чисти телото од одвишок течности и токсини.



20 December 2012

Бадемов - чоколаден путер

Одамна имав желба да сматам еден добар путер, ама никако да се решам. Еднаш кога решив да правам од кокос настана голем куршлус. Тогаш дефинитивно заклучив, ова мора да се прави во процесор, ама мојов процесор е многу стар и изнемоштен, а касица-прасица сè уште не доволно полна за нов, малиот рачен кој завршува одлична работа е за мали количини. Хммм, што да се прави...после многу мислење и премислување сепак се решив да се обидам. Бадеми! Преубави живи локални бадеми, мора некако да ги искористам и да направам нешто, башка инспирирана од претстојниве празници ми се прави нешто слатко вкусно и тогаш ми светна!
Ќе правам путер од бадеми, па што сака нека е ;)


и така почна мојот проект,
2 чаши бадеми, мултипрактик и трпение...со некој нормален процесор целиот процес би траел 15-тина минути, ама со мојов изморен, изарчен траеше малку подолго


сепак трпението и упорноста секогаш се исплатуваат ;)
почнав полека да ги мелам бадемите, малку е тргни, запри, замешај, додадов и малку кокосово масло, само затоа што мојот процесор не е доволно јак и така малку му помогнав да се справи со задачата. Ако имате добар процесор, може и без масло, така би било и подобро, бадемите ќе си пуштат природни маснотии.
Еден момент решив да додадам и какао зрна, бидејќи малку нагорчуваат додадов и
околу 2 лажици агаве. Засладувачот се додава на крај откога е се фино изматено.
Резултатот е фантастичен! Декадентно, вкусно, чоколадно, јак, богат вкус, преубаво.
Веќе имам идеја и за торта во која ќе го употребам, 
ама за тоа ќе бидете навремено известени ;)


Состојки:
2 чаши бадеми
2-3 лажици какао зрна
2-3 лажици кокосово масло (растопено, а и не мора)
прстофат сол

*малку засладувач, се додава сосема на крај откога путерот ќе биде готов, инаку само ќе се залепи.

16 December 2012

Авокадо супа


Во мојот дом сите обожаваат супа и бидејќи сме македонско-холандски спој, а кај нив традиционално во сабота се јаде супа, па така и ние си ја негуваме оваа традиција. А, во зима било кој ден е сабота.

Овој рецепт го открив пред некој месец и веднаш се навлеков, феноменален е! 
Во лето може да се спреми како постудена варијанта за разладување ќе ве потсетам кога ќе дојде лето:))), ама сега ја предлагам за топла идилична атмосфера. Рецептот е на Расел Џејмс (Russel James - The raw chef) еден од моите фаворити, сè што сум спремила од него било кратко кажано лудило! 

Апарат:
Блендер

Супа
2 авокада (или 1 ако е големо)
3/4 краставица

1 стапче целер
сок од 1 лимета
1 рака свеж коријандер
1/2 лажичка сол
1 лажичка Тамари
1 чаша топла вода

** додавав и повеќе беше навистина густо, ама почнете со 1 чаша
* користев едно навистина големо авокадо излегоа цели 4 порции
состојките за супа изблендирајте ги неколку минути во блендер и добивате преубава топла супа!

Сервирајте си по желба

Павлака крем
1 -1 1/2 чаша индиски ореви (откиснати 15-30 мин)1 лажичка лимонов сок
1 лажица јаболков оцет
1/2 лажичка сол
1 чаша вода
Павлаката се блендира во блендер, и се посипува врз супата, за декорација може да си додадете некои зачини по желба, јас ја украсив со ситно сецкан млад кромид.

Тоа што ќе ви остане од павлаката зачувајте во тегличка, може да се комбинира во други рецепти, како макало со зеленчуци, крекери...




ТоблеRAWне

Ако сте љубител на слатки работи,  еве јас кревам рака, дефинитивно!
можеби тука ќе најдете нешто што ќе ви се насмевне, секогаш трагам по рецепти лесни за правење, да не одзема премногу време....за да има повеќе време за уживање :)




TobleRAWne

Апарати
Процесор
Блендер

Основа:*(оваа смеса може слободно и со жица за матење да се спреми, 
или во процесор на мала брзина)


1/2 чаша мелени бадеми
1/2 чаша мелени ореви
1-2 лажици кокосово масло (растопено)
1/4 чаша јаворов сируп
1 лажица мака (ако имате, не мора)
1 лажица мескит (ако имате, не мора)
цимет
хималајска сол 

се меле, меша и се мачка во тавче

Крем:
*(во процесор или со жица, се мати рачно)

1 чаша какао
1-2 лажици кокосово масло (растопено)
1/4 чаша јаворов сируп

цимет,
хималајска сол
(ако е многу густо може сосема малку вода да се додаде)
во ова се додава по 1/3 чаша од секое - кршени бадеми,
ореви и индиски. Сето тоа се меша и се мачка врз основата.

Шлаг:

*(се припрема во блендер)
1 чаша индиски ореви
1-2 лажици кокосово масло (растопено)
1/4 чаша јаворов сируп
цимет, ванила (по желба)
хималајска сол 
се блендира да стане како шлаг и се мачка на тортата.
30-тина минути во замрзнувач и спремно за уживање.

мала варијација на истатa тема, само што шлагот го оставив бел, без рогач или какао.
Фер е да ве предупредам, секое спремање на еден ист рецепт, излегува поинаку, барем кај мене :) скоро секогаш или нешто ми фали, или нешто ќе додадам и никогаш нема утка. Убавината на живата храна!



15 December 2012

Сирење (бадеми)



Aпарат:
Блендер
+ газа, цедалка

ова беше можеби мојот прв обид за сирење и беше многу успешен! Фактот што се изеде за неполни 2 дена говори доволно :)))
Рецептот е безобразно едноставен, иако на прв поглед или мисла делува како нешто многу комплицирано. Одредена количина бадеми, отприлика 1 1/2-2 чаши се откиснува во многу вода 10-12 часа, се лупат и потоа во блендер се додава малку лимонов сок, отприлика 1/2 лимон (може и повеќе, зависи колку е сочен), 
1 мала лажичка сол, малку пробиотик и отприлика 1 чаша вода. Сето тоа се блендира и потоа во цедалка се става газа и се истура смесата внатре. Цедалката се става во сад во кој ќе може да се исцеди одвишок водата. Врз газата јас ставам мало тањирче и нешто тешко одозгора за полека да натежнува и со тоа ќе ја цеди водата. Се остава на темно и топло место (собна температура) да ферментира 24 часа. По 24 часа имате преубаво сирење за јадење. Вака изгледа базата :)



На сирењето му додадов копар и ситно сецкан кромид, беше превкусно. Може да додадете што ќе посакате, ситно сецкани маслинки, лук, зачини по желба, комбинациите се многу бројни. Повторно малку креативност и малку налудничавост.

Ние си направивме мезе, меѓудругото...


Одлична варијанта и за со крекери и салата...:)


1 1/2-2 чаши бадеми (откиснати и излупени)
сок од 1/2 лимон
1 лажичка сол
1-2 мерици пробиотик
1 чаша вода



14 December 2012

5 минути чоколадни залчиња

Идеален рецепт за ако ви упаднат гости, а немате ништо благичко...или ве фати криза се спремаат навистина за 5 минути и ако имате уште некоја минута трпение да почекате да се зацврстат во фрижидер или замрзнувач...за побрзо, ако не, лажичка во рака! :D

*без апарати
2 лажици кокосово масло, 
2 лажици какао, 1/3 лажичка мескит, 
2 лажици сушен кокос, 
2 лажици мед, цимет, ванила.
Со жица за мешање се меша се заедно, се формираат топчиња (отприлика 6-8),
15-20 мин во фрижидер да се зацрврстат.






Brownies





Aпарат: Процесор

Основа:


2 чаши ореви
1 чаша какао
1 мала лажичка цимет
прстофат хималајска сол
2 чаши урми
1/2 чаша суви смокви
ванила
Во процесор (со Ѕ сечиво) се мелат оревите, се додава какао, цимет и сол, повторно се меле за да се измеша смесата, се додаваат урмите и смоквите полека и се меле да стане како тесто смеса, потоа се реди во тава/модла. Може да стои во фрижидер додека се спреми чоколадниот прелив.


Чоколаден прелив
1/2 чаша какао
1/2 чаша агаве
1/4 чаша кокосово масло
1/2 лажичка цимет


Во стаклен сад со жица се мешаат сите состојки, се претвора во густа чоколадна смеса.Преливот се мачка одозгора и се става во фрижидер неколку часа, или во замрзнувач 1 час.
Солидно јако и многу слатко :)



Банана-мака пудинг


Апарат: Блендер

едноставен, многу вкусен десерт или меѓу оброк, за љубители на слаткасти вкусови :)
1-2 чаши бадемово млеко
1-2 банани
1 лажичка мака
1-2 лажички рогач
сето тоа се блендира и сервира

* за декорација може малку мелени ореви и цимет



    






Гранола

Една од моите омилени опции за појадок или ужина - Гранола, варијациите зе неброени, само треба малку фантазија и креативност, било кое сушено овошје, јатки, семки, житарки, зачини и мириси, преубаво!
Апарат:
Дехидратор




1 чаша хељда (откисната 8-10 часа)
1/3 чаша сончоглед
1/3 чаша семки од тиква
2 лажици мелен лен 
1/4 чаша агаве 
1 лажица конопово масло 
2-3 лажици сушена брусница
1 лажиче мелени или кршени ореви
малку вода (по потреба)
мескит 
цимет
сол

Во стаклен сад прво се мешаат сите суви состојки и потоа се додава хељдата и сите влажни состојки, добро се меша со вилушка или кој е расположен да засука ракави може и со рака ;)
Се мачка на подлошките за влажна обработка од дехидраторот или на обезмастена хартија во дебелина од околу 1 см, се суши 2-3 часа, тогаш може и да се исече во форма по желба и се превртува да може да се досуши уште 3-4 часа. Трае и по неколку недели, се чува во фрижидер.



Крекери Тоскана

Крекери се добра замена за леб, одлично се комбираат со сирења, салати.
Овие ги правам повремено и се многу популарни кај моите гости :)

Рецептот е многу едноставен, само треба сè да откисне неколку часа однапред. 

Луѓе се најчесто збунети што е тоа што ги сврзува, а тајната е во лененото семе, кога ќе откисне извесно време станува како желе и држи се компактно. Идеално би било да откиснат околу 5 часа, ленот пие многу вода, можеби ќе треба и да се додаде уште вода.
1 чаша лен, 
1 чаша мешавина од семки од сончоглед, тиква,
сусам, чиа, афион 
отприлика 1 1/2-2 чаши вода
рехидрирани домати (сушени па отстоени во вода)
доматите ги откиснувам посебно, ги блендирам на кратко за да стане како сос, може да се додаде, лук, кромид...



Бомбици Бобо


1 чаша бадеми*
1/3 чаша сушен кокос
1 чаша урми
2/3 чаша ореви
1 лажичка мака (ако имате, не мора)
1 лажичка мескит (ако имате, не мора)
1 1/2 лажичка какао
2 лажички рогач
1/2 лажичка цимет
3 лажички кокосово масло (растопено)
*(може да се сомелат, може да бидат кршени, по желба, се разбира дека влијае на текстурата)

13 December 2012

Растително млеко

Одлична и многу здрава варијанта на млеко, далеку поздрава од она индустриско млеко кое чмае по рафтови со години и нема никаква хранлива вредност за телото, сега веќе и докажано дека го јаде калциумот од коските.


Пробајте и сами, превкусно е, навистина, а можностите бескрајни :)
Може да се прави од бадеми, индиски ореви, лешници, ореви, семки од тиква, сусам...
 Бадемите се откиснуваат во вода 8-12 часа, најпрактично преку ноќ, водата во која киснат бадемите не е за пиење, но домашните цвеќиња ќе ви бидат многу благодарни


 се лупат, ако имате трпение, а и не мора :)
 се додава засладувач како урми, или јаворов сируп, мед, малку цимет,
ванила за шмек...


се блендира, се прецедува а и не мора...и се ужива!


Млеко од бадеми
  • 1 чаша бадеми се откиснува во многу вода (8-12 часа, барем двојно повеќе вода, најпрактично е да ги покиснете преку ноќ)
  • бадемите се лупат ( а и не мора, доколку се лупат потешко потопете ги во топла вода неколку минути, не врела!)
  • се ставаат во блендер со малку вода, отприлика 1 чаша, полека се блендира и се додава вода до 1 литар
  • се додава засладувач (можете да користите урми, јаворов сируп, малтекс, мед, агаве)
  • ванила, цимет за шмек ;)
  • по желба се цеди низ газа и се добива превкусно млеко.
  • Пулпата што останува од млекото може да се искористи за други рецепти, не ја фрлајте!




Јаткастите млека се одлична база за пудинзи или овошни варијанти, може да се додаде овошје по желба како на пример:



Млеко од бадеми, боровинки, малку банана и мака


Бадемово млеко, боровинки, мака и пчелин полен

Млеко од индиски ореви, банана, мака и цимет

Ова е многу добра замена за кафе.
Циметот освен што мириса божествено е многу лековит.
  • силни антибактериски својства
  • го регулира шеќерот во крвта
  • богат со хранливи влакна, магнезиум, железо, цинк, манган и калиум
  • редовна конзумација го намалува холестеролот
  • регулира хормони и помага при ПМС
  • богат со антиоксиданси
Мака е вид корен, сличен на рен и доаѓа од Перу, адаптоген, го регулира, поддржува и балансира хормоналниот систем и кај мажи и жени. Поради тоа регулира проблеми со акни, ја подобрува плодноста, дигестијата, дава многу енергија и влијае на сексуалноста. Затоа ја сметаат и за афродизијак.
  • подобрува расположение
  • зголемува енергија
  • зголемува либидо и плодност
  • подобар сон
  • го намалува стресот
  • ја подобрува меморијата
  • подмладува
  • ја чисти и зајакнува кожата
  • помага против акни
  • зголемува издржливост
  • помага против секакви болки
  • ги редуцира симптомите од ПМС и менопауза
  • ја зајакнува косата и го намалува опаѓањето

Парфе појадок




Супер спакуван доручек/ужина
содржи кршени ореви и лешници,
семки од сончоглед и тиква,
овошје тоа што имав при рака= јагоди, круши и гоџи.

Шлагот е од индиски ореви претходно откиснати во вода, индиските ореви се сами по себе меки и не им треба долго да киснат, ако имате јак блендер и 15-30 мин е доволно, ако не 2 часа би било подобро и полесно ќе се изблендираат.

За шлагот потребно е 1 чаша индиски ореви, малку засладувач по желба (јаворов сируп, мед, агаве), банана и сосема малку вода. Се реди во чаши, ред семки/јатки, ред овошје, ред шлаг или по желба како сакате да бидат декорирани.
 



варијациите се безбројни....тука се правени со шлаг од индиски ореви, боровинки, цреши, и самиот шлаг е комбинација на индиски ореви со боровинки.