20 December 2012

Бадемов - чоколаден путер

Одамна имав желба да сматам еден добар путер, ама никако да се решам. Еднаш кога решив да правам од кокос настана голем куршлус. Тогаш дефинитивно заклучив, ова мора да се прави во процесор, ама мојов процесор е многу стар и изнемоштен, а касица-прасица сè уште не доволно полна за нов, малиот рачен кој завршува одлична работа е за мали количини. Хммм, што да се прави...после многу мислење и премислување сепак се решив да се обидам. Бадеми! Преубави живи локални бадеми, мора некако да ги искористам и да направам нешто, башка инспирирана од претстојниве празници ми се прави нешто слатко вкусно и тогаш ми светна!
Ќе правам путер од бадеми, па што сака нека е ;)


и така почна мојот проект,
2 чаши бадеми, мултипрактик и трпение...со некој нормален процесор целиот процес би траел 15-тина минути, ама со мојов изморен, изарчен траеше малку подолго


сепак трпението и упорноста секогаш се исплатуваат ;)
почнав полека да ги мелам бадемите, малку е тргни, запри, замешај, додадов и малку кокосово масло, само затоа што мојот процесор не е доволно јак и така малку му помогнав да се справи со задачата. Ако имате добар процесор, може и без масло, така би било и подобро, бадемите ќе си пуштат природни маснотии.
Еден момент решив да додадам и какао зрна, бидејќи малку нагорчуваат додадов и
околу 2 лажици агаве. Засладувачот се додава на крај откога е се фино изматено.
Резултатот е фантастичен! Декадентно, вкусно, чоколадно, јак, богат вкус, преубаво.
Веќе имам идеја и за торта во која ќе го употребам, 
ама за тоа ќе бидете навремено известени ;)


Состојки:
2 чаши бадеми
2-3 лажици какао зрна
2-3 лажици кокосово масло (растопено, а и не мора)
прстофат сол

*малку засладувач, се додава сосема на крај откога путерот ќе биде готов, инаку само ќе се залепи.

No comments: