Најчести прашања

Храната да е лек, лекот да е храна - Хипократ



Што е жива храна?
Жива храна е целосна, непроцесирана, термички необработена храна, т.е. најмногу на 46 степени целзиусови, најидеално 40-42 степени. Тоа подразбира овошје, зелени листови, зеленчук, семки, јатки, житарки, мешунки, суво овошје - сушено на сонце, тревки и зачини - сушени на сонце или промаја, морски алги, никулци.



Зошто баш жива храна, зошто би ја јаделе?
На кратко, ги содржи сите хранливи состојки во својата првобитна форма како што ги создала природата, витамини, минерали и ензими кои ни се многу потребни. Кога храната се готви на висока температура се уништуваат и до 70-80% од витамините и минералите, ензимите целосно! Со тоа го осиромашуваме телото од многу важни состојки кои му се потребни за совршено да функционира. Со жива храна се успорува процесот на стареење, се зајакнува имунолошкиот систем, помага при варење на храната, тука   ензимите играат главна улога, се зацврстуваат коските, зголемена енергија, се избиструва умот, подобрена меморија, чиста кожа, сјајна коса, се губи тежина. Живата храна е полна со кислород, особено зелените листови кои се богати со хлорофил, кој пак е скоро идентичен со хемоглобинот во нашите црвени крвни зрнца. Единствената разлика е во тоа што хлорофилот во своето јадро содржи магнезиум, а во човечката крв јадрото на молекулата е железо.

Ензими

малку постручно објаснување за ензимите


Мојата исхрана и размислувањата
Многу често ме прашуваат “на колку проценти сум“ и секогаш ми е прашањето чудно и духовито :) Никогаш не се оптеретувам со проценти или дефиниции. Се грижам да внесувам колку што можам свежа, жива храна секојдневно. Со тоа “процентот“ варира, нели... Иако верувам дека мојот процент е околу 60-80%, ако веќе треба да дефинирам.
Едноставно, поважно ми е да имам солиден друштвен живот, доволно внимание за своите деца, отколку да се оптеретувам со проценти. Можеби еден ден ќе успеам да бидам целосно жива вегетаријанка/веганка, а во меѓувреме си го барам својот баланс во алкална жива храна и сите убавини на животот. Не мора да јадете 100% жива храна, ама многу е важно да јадете доволно жива храна. Не сум љубител на етикетирање од типот вегетаријанец или веган, месојадец, би сакала да имам едно одличје - здрава тело и здрав дух, што е можно повеќе алкална зелена, растителна храна, среќен исполнет живот :)

Како, од каде да почнам?
Прво добро размислете како се храните, што би било најлесно да смените или преиначите. Мене не ми пречи да јадам и/или пијам овошје наутро, па така смуди ми е сигурен избор за појадок. Млекото со кое имам долгогодишна љубов и омраза врска, го заменив со растително млеко. Јас секогаш ги препорачувам зелените смуди како за почеток, формулата е многу едноставна, а придобивките се фантастични, со само една до две чаши сок внесувате многу живот во себе, многу повеќе отколку можете да си замислите, а има и една добра финта, ќе ви се намали желбата за слатка храна (ако сте по слатките, како мене) и ќе ве влече кон повеќе здрава зелена и алкална храна. Читајте и информирајте се што е здрава, а што помалку здрава храна, денес барем има премногу информации насекаде и најважно од се: слушајте што телото ви говори, обрнете внимание од која храна добивате енергија и елан или пак се чувствувате уморни, депримирани, следете го својот инстинкт!


Моето семејство
Семејството брои сопруг, две петгодишни деца и еден пес. Јадат сè, сите заедно се обидуваме да се храниме колку што е можно поздраво и чисто. Среќна сум што внесуваат многу овошје и зеленчуци, ретко што е “забрането“, само е сведено на минимум. Имаат прилика да јадат непрскани овошја и зеленчук од нашата градина, да садат, да гледаат како растат, зреат, да ги залеваат и негуваат. Иако има периоди кога сакаат помалку или повеќе жива храна, секојдневно учат сè повеќе и како растат се сè посвесни за убавината на природната храна.


Желбите, т.е. нагоните за “забранетa храна“
Ааах, “забранета храна“...сметам дека ништо не треба да се забранува, барем кај мене тоа не функционира :D, иако некои состојки скоро целосно ги елиминирав од исхраната, нема да се испаничам доколку нешто се протне. Се едуцирам за исхраната, затоа што сакам да знам што јадам и најважно од сè, каков пример сум за своите деца, да знаат која е вистинска природна храна која ќе ги храни и негува или што е “сапун“ (читај: индустриска храна со никаква хранлива вредност).

Какви, кои апарати ги користам/препорачувам
За подготвување на жива храна потребен е добар нож, има тука доста сецкање:) блендер, мултипрактик процесор (сецко), дехидратор и евентуално соковник. Има и некои други помали додатоци нешто повеќе за апаратите прочитајте тука.


Меѓу најборбените редови на живо-хранарите најчесто го препорачуваат блендерот на Vitamix, иако секој подобар блендер ќе заврши добра работа, најважно да има што е можно повеќе вати! Предност на високо-брзински блендер е што лесно ја раскинува целулозата и допира до најхранливите состојки од храната со што е многу лесна за конзумирање, бидејќи само со џвакање за жал нема дојдеме до сите тие хранливи состојки, а башка и вилицата ќе ми отпадне! :)))
Јас користам Vitamix блендер, Excalibur дехидратор, еден солидно користен, ама многу практичен рачен Philips миксер/сецко и Magimix 5200XL процесор, можеби најважната алатка во секоја кујна без ралика дали подготвувате жива или готвена храна.


Рецепти од каде, како, што?
Најчесто собирам од интернет, книги, полека но сигурно мојата жива библиотека се проширува, разменувам со луѓе расположени за дружба и инвентивност. Бирам рецепти кои се лесни за правење, не одземаат многу време и нема премногу состојки и комликации. Less is more :) 


Што има во мојот шпајз?
Тегли, еден куп тегли! :D
Зачини, семки, јатки, житарки, бои, мириси, вкусови...






No comments: